14 C
Struga
Monday, May 13, 2024
spot_img

Џафери во Рим: Започнувањето на преговори со Македонија и Албанија е повеќе од императив

Претседателот на Собранието Талат Џафери се сретна во Рим со претседателот на Домот на пратеници на Италијанската Република, Роберто Фико.

Дозволете да изразам почит и благодарност до мојот домаќин, претседателот на Домот на пратеници на Италијанската Република, почитуваниот Роберто Фико, за топлиот пречек, конструктивната средба и искрен дијалог. Се среќаваме повторно по неговата неодамнешна посета во Република Северна Македонија, што е јасен индикатор дека сме посветени на продлабочување на соработката и споделување на искуствата, што е особено важно за нашето Собрание, имајќи го предвид искуството на силниот Италијански парламент.

Особено ме радува тоа што поводот за оваа работна посета е овој значаен чин на кој што бевте сведоци сите, односно, потпишувањето на Протоколот за парламентарна соработка меѓу Собранието на Македонија и Домот на пратеници на Италијанската Република, со што отвораме ново поглавје во нашите билатерални односи и ја поставуваме основата кон понатамошни заеднички успеси и просперитет. Јас сум поборник на парламентарната дипломатија и за мене овој Протокол значи зајакната и продлабочена соработка меѓу двата парламента. Gо уверив и почитуваниот Роберто Фико дека имплементација на Протоколот и координацијата на активностите според Протоколот ќе ја имаат мојата целосна поддршка, како претседател на Собранието на Македонија.

Заеднички констатиравме дека меѓу нашите држави имаме традиционално добри и пријателски билатерални односи кои следната година одбележуваат 30 години од воспоставувањето и за овој минат период можеме да се пофалиме за одличната политичка соработка и динамичната економска соработка, со што се потврдува дека Италија е наш посведочен пријател и почитувана држава од поширокото соседство.

На средбата исто така истакнав дека сме на истекот на француското претседавање со Советот на ЕУ и дека очекуваме да се испрати конкретен и јасен сигнал до сите земји-членки, а особено до Република Бугарија, дека започнувањето на преговори со Македонија и Албанија е повеќе од императив. Во тој контекст, безрезервната и вокалната поддршка на нашите пријатели и традиционални партнерски држави, како што е несомнено Италија, за нас претставува недвосмислена потврда на сите наши напори да ја оствариме стратешката цел и желба на нашите граѓани – да бидеме дел од европското семејство на народи.

Исто така повторив дека за нас, меѓутоа и за регионот на Западен Балкан, особено во овие фрагилни и деликатни воени состојби во срцето на Европа, влогот во безбедна и сигурна иднина за европските граѓани претставува прашање на кое Европската унија треба да пристапи со најголема итност и да процени дека секое натамошно одолговлекување на процесот на проширување ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, кое ќе се рефлектира како на економски, енергетски, безбедносен, така и на политички план во регионот и пошироко.

Знаете дека тука мислам на војната во Украина, каде што неодамна бев и во посета за да дадам лична и институционална поддршка на украинскиот народ и украинските институции, и каде лично се уверив во разорните последици на економски, енергетски и финансиски план, меѓутоа пред се, во загубените човечки животи и уништени иднини. На институциите во регионот му претстојат тешки предизвици за олеснување на товарот на граѓаните и наоѓањето на одржливи решенија за иднината и затоа, јасно е дека треба да сме сплотени и да има тесна соработка меѓу сите држави кои се на страната на мирољубивото решение на конфликтите.

Добро е што сме заедно со Италијанската Република во тие напори, како рамноправни сојузници во НАТО, а секако, остануваме отворени за развивање и унапредување и на други сегменти на меѓудржавната соработка, волјата за тоа секако не недостасува.

Дозволете повторно да се заблагодарам на мојот домаќин за гостопримството и Ви благодарам на вниманието, рече Џафери во обраќањето.

Related Articles

Na Ndiqni

0FansLike
0FollowersFollow
- Advertisement -spot_img

Latest Articles