18 C
Struga
Saturday, April 27, 2024
spot_img

Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими

Генералното Собрание на Обединетите Нации, на 22 декември 2005 година, со Резолуцијата 60/209 ја дефинира солидарноста како една од основните и универзални вредности што треба да бидат во основата на односите меѓу луѓето во 21-от век, и во тој поглед одлучи да го прогласи 20 декември секоја година меѓународен Ден на човековата солидарност. Во декември 2022 година, по коинциденција, ние ги почнавме јавните дебати и консултации за данокот за солидарност.

Концептот на данокот на солидарност се заснова на тројството заедништво, општествена одговорност и правичност. Тоа се три принципи или три столба на кои се темели решението. 

Заедништво: Речиси две милијарди евра од државниот буџет во изминатите три години беа насочени за мерки за стопанството и за граѓаните кои имаа потреба од поддршка. Тоа беа средства од сите нас, даночните обврзници, за оние на кои им беше најпотребно. На тој начин се зачува куповната моќ и се подобри кредитната и платежната способност на многу наши граѓани, а на ранливите категории на фирми им се овозможи да продолжат со секојдневните деловни активности. Во спротивно, рецесијата ќе беше многу подлабока, а невработеноста ќе отстапеше од сегашниот надолен тренд и ќе беше на многу повисоко ниво. Данокот на солидарност ја има истата намена – да обезбеди средства за П1 програмата во буџетот (или уште позната во јавноста како антикризна програма), преку која се исплаќаа и ќе се исплаќаат сите антикризни мерки. Иако според економската теорија, даноците се недестиниран (општонаменски) приход, сепак приходот од данокот на солидарност како вонреден и еднократен данок ќе го овозможи финансирањето на антикризната програма.

Општествена одговорност: Во криза, секогаш има одредени дејности, сектори, фирми, кои имаат бенефит од состојбите и заработуваат повеќе. Да се врати дел од профитот, за да се поддржи економијата, развојот и социјалата, претставува општествена одговорност. Општествена одговорност е да го поддржиш општеството, кое ги создава условите за да функционираш и за да бидеш успешен. 

Праведност: Сите треба да го плаќаме својот праведен дел од давачките, за да може целата економија и општество да просперираат. Во суштина, секој даночен систем се темели на придонес сразмерен на заработката/добивката. Оние кои се најуспешни треба да влечат напред и да придонесуваат кон општото добро. 

„Солидарност“ е морална појава која се однесува на заемна помош или соработка помеѓу поединци и групи, особено во тешки околности и кризи. Оттаму, сметам дека името „Закон за данок на солидарност“ многу добро му прилега на законското решение кое го дискутираме во Собранието, а чие работно име првично беше Закон за данок на дополнителна добивка (екстра профит).

Низ економската историја, понова и подалечна, гледаме повеќе примери за данок на солидарност. Франција во осумдесеттите, Германија во деведесеттите години на минатиот век, а во поново време повторно Франција, Шпанија, Хрватска, Унгарија, Италија, Полска, Чешка, Белгија итн. Данокот на солидарност или солидарниот данок е давачка пропишана од државата за финансирање  проект или цел која ги обединува општите интереси. Така, во Франција со данок на солидарност се оданочуваат високите приходи или високата вредност на имотот. Во Германија данокот на солидарност бил воведен за да се обнови источна Германија и да се собере фонд за економска поддршка. Со наглиот раст на цените во енергетскиот сектор минатата година, повеќе европски земји најавија и спроведоа закони за солидарност, а засегнати беа компаниите кои просперираа во тој период (но, за овие примери ќе елаборирам подолу во текстот). Тоа што сакам да го истакнам е дека даноците за солидарност се применувале низ историјата и се применуваат сѐ уште, од повеќе земји. Тие имаат за цел да се помогне и поддржи одредена кауза поврзана со подобрување на ситуацијата во економијата и општеството.

За спроведување на целите за фискална одржливост преку фискална консолидација, која меѓу другото значи и подобрување на наплатата на приходите, минатата година, по широка консултација со деловната, експертската и меѓународната јавност, започнавме со спроведување на даночната реформа, која се заснова на проширување на даночната база. Даночната реформа е еден обемен процес којшто ќе се реализира во повеќе фази, но кој главно се заснива на принципите праведност. За тоа сум пишувал во моите претходни колумни.

Усогласување на европската регулатива и следење на препораките од ММФ

Данокот на солидарност, кој е еднократна давачка, е дел од овој процес. Истиот како предлог произлезе од Стратегијата за даночна реформа, но и Регулативата на Советот на ЕУ (2022/1854), донесена на 6 октомври 2022 година за решавање на проблемот со високите цени на енергијата. Регулативата предвидува носење вонредни и временски ограничени мерки, вклучително, задолжителен привремен придонес за солидарност од страна на профитабилните компаниие во енергетскиот сектор. Повеќе земји-членки на Унијата согласно донесената регулатива, пристапија кон законски измени за дополнителни еднократни давачки за субјектите од енергетскиот сектор со екстра-профити. Но, исто така, како резултат на ценовната криза, многу земји од ЕУ воведоа дополнителни давачки на екстра профит и за компании од други дејности (Хрватска, Унгарија и други). Во однос на кризните околности од времето на Ковид и енргетската криза препораки за данок на солидарност имаше и во неколку студии и анализи на ММФ:

Инклузивен процес: Консултации со бизнис-заедницата и опозицијата

По дизајнирањето на предлог-решението за Данокот на солидарност, согласно примерот на дел од земјите од ЕУ, во текот на декември минатата година, Министерството за финансии спроведе инклузивен консултативен процес со деловната заедница. Нацрт-текстот на предлогот на закон, прво го доставивме на разгледување до коморите, а на 23 декември 2022 година, во Министерството за финансии беше одржана средба со претставниците на најголемите коморски здруженија. На средбата од наша страна беше презентирано нацрт-решението и причините за предлогот, а беа објаснети и основите на Регулативата на Советот на ЕУ и хрватскиот предлог-закон за солидарност, кој е најсличен на нашиот. Претставниците на стопанските комори, пак, искажаа разбирање за состојбите во земјава, земајќи ги предвид и пакетите на мерките за поддршка на економијата со кои Владата интервенираше во изминатиот период, а беше посочено и дека големите компании треба да покажат солидарност со буџетот и помалите стопански субјекти во вакви тешки околности. Претставниците на деловната заедница беа вклучени во процесот на дизјанирање на законското решение. Тие дискутираа, пред и по средбата изнесуваа предлози за подобрување на предлогот на закон. Покрај деловната заедница, во интерес на комуникација на законот со сите општествени чинители, одржавме и средба со најголемата опозициска партија. 

Кој и колку е засегнат од данокот на солидарност?

По завршување на консултативниот процес, ги разгледавме предлозите и голем дел од нив ги вградивме во законското решение. Согласно решението, данокот на солидарност го плаќа обврзникот за данок на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615 милиони денари (10 милиони евра). Притоа даночна основа за данокот на добивка е добивката после сите ослободувања, вклучително и ослободувањата за реинвестирана добивка. Даночната основа за данокот на солидарност е добивката после ослободувањата остварена за 2022 година или просекот од 2021 и 2022 година (се зема поволната варијанта за претпријатието) доколку истата е повисока од просекот на добивката во претходни три години зголемена за 20%, почнувајќи од 2017 година, без да се земе предвид пандемиската 2020 година. Данокот на оваа сума е 30% и ќе се плати само еднаш, односно само годинава. На пример, ако препријатието во 2022 година има остварена добивка од три милиони евра, притоа реинвестира еден милион евра, даночната основа за добивката е два милиони евра. Доколку просекот за 2021 и 2022 година на даночната основа за добивката по ослободувањата за истото претпријатие е четири милиона евра, тогаш за пресметка на данокот на солидарност се зема пониската даночна основа, односно два милиона евра добивка после ослободувањата остварено во 2022 година. Според методологијата во Законот за данок на солидарност, со избор на 2022 година, за споредба се зема просекот на добивката после ослободувањата за три години (2021, 2019 и 2018 година) зголемен за 20%, односно ако просекот на добивката во 2021, 2019 и 2018 година изнесува милион евра за пресметка ќе се зема 1,2 милиони евра. Даночната основа за данокот на солидарност е разликата од 800 илијади евра (2.000.000-1.200.000=800.000), при што данокот на солидарност ќе изнесе 240 илијади евра (800*30%=240.000) и истиот ќе се смета за расход во финансиските биланси за 2023 година.

Олеснувачка одредба

Можноста за избор на поповолна опција за пресметковен период е олеснувачка одредба за даночните обврзници при пресметка на даночната основица да го земат предвид даночниот период кој за нив е поповолен, што не е предвидено во хрватскиот закон. Согласно најновите проекции на фискалниот ефект, спроведени врз основа на реални податоци од даночните биланси за 2022 година, државата со внесувањето на оваа одредба се откажува од дополнителни приходи во износ од околу половина од вкупната сума која можеше да ја наплати од обврзниците, односно околу 3 милијарди денари. Ова е доказ дека како Влада слушаме, отворени сме за сугестии, но и правично постапуваме.

Самиот факт дека фискалниот ефект од предложеното решение, согласно даночните пријави за 2022 година ќе изнесуваше 5,5 милијарди денари, доколку не беше предвидена олеснителната одредба, говори за висок раст на приходите минатата година. Согласно законското решение обврската за пресметување и плаќање на данок на солидарност опфаќа 160 даночни обврзници, чии вкупни годишни приходи се над 10 милиони евра. Притоа, зголемена добивка во 2022 година за повеќе од 20% во однос на просекот од даночните периоди од 2017 до 2019 година (со исклучок на 2020 година) е забележана во сите сектори на економијата. 

Доколку се земат предвид остварените профити само од 2022 година, најголемо учество во данокот на солидарност би имале токму компаниите во дејноста „производство и трговија со електрична енергија“ со удел од околу 40%, околу 40% се дејностите финансии, трговците на мало и големо и игри на среќа и остатокот од 20% се други сектори. И согласно структурата на дејности е видливо дека енергетската и ценовната криза имале удел во високиот раст на приходите. Со Законот за данок на солидарност се прави извесна редистрибуција на доходот од оние кои најмногу заработиле кон оние кои биле најмногу погодени за време на кризата преку издвојување на дел од профитот за антикризни мерки.

Редистрибуција за корекција на дисторзиите

Би сакал да истакнам, посочив и претходно, дека не е невообичаено во исклучителни состојби, кризи, земјите да воведуваат даноци од привремен карактер за да ги коригираат дисторзиите на пазарот. Економската теорија и политика вели дека ваквите даноци се алатка за редистрибуција на дел од неочекуваните високи приходи кои одредени компании ги стекнуваат заради невообичаени случувања на пазарот или вонредни состојби. На крајот на декември, Шпанија предвиде воведување дополнителен данок на енергетскиот и банкарскиот сектор и привремен данок на солидарност за физички лица. Кон средината на 2022 година Италија, воведе еднократeн данок за „солидарност“ за компании од енергетскиот сектор кои имаат зголемување на нето-продажбите за најмалку 5 милиони евра. Минатата година и Унгарија објави дополнителен данок на добивка во енергетскиот сектор, финансискиот сектор, телекомуникацискиот сектор, комерцијалните авиокомпании и трговијата на мало за периодот 2022-2023 година. Согласно Законот за дополнителен данок на добивка усвоен во декември 2022 година, Хрватска воведе данок на екстра добивка според кој компаниите со зголемена добивка ќе бидат обврзани за овој данок без оглед на дејноста со која се занимаваат, а собраните средства првенствено ќе одат за поддршка на крајните корисници на енергија, особено за ранливите домаќинства. 

Нова нормалност: Спас и раст

Живееме во време на повеќекратни кризи континуирано неколку години по ред, Ковид-пандемијата, енергетската криза, ценовната криза, војната во Украина и геополитичките превирања, високи технолошки промени, преструктуирање на глобалните синџири на вредности, како и климатските промени. Во услови на потребни реформи за подобрување на конкурентноста на нашата економија и интеграција кон европскиот пазар, во време на кризите од 2020 до 2022 година само за антикризни мерки беа извдвоени околу две милијарди евра и дополнителни 225 милиони се обезбедени за 2023 година или вкупно околу 18% од просекот на БДП во последните четири години. Според извештајот на Светска Банка тоа се смета за највисоката финансиска поддршка од сите држави на Западниот Балкан со што меѓу друго се заштитија над 80.000 работни места за време на Ковид во над 15.000 претпријатија. Исто така, финансиска поддршка имаше за над 180.000 работни места, разни финансиски стимули беа користени за целото стопнаството, како и за ранливите категории на граѓани, и тоа над 330.000 пензионери, над 80.000 корисници на социјална помош, студенти и други категории на граѓани, како и субвенционирање електрична енергија за околу 610.000 домаќинства и 70.000 мали потрошувачи од стопанството, како и поддршка со други антикризни мерки во однос на заштита на животниот стандрад на граѓаните и сузбивање на инфлацијата, која во јуни успеавме да ја симнеме на едноцифрена бројка од 9,3% и со тоа да се преполови во однос на истата  во октомври 2022 година кога изнесуваше 19,8%. 

„Новата нормалност„ во која живееме бара и нов пристап на економските политики со симултан фокус на приоритетите за поддршка на растот на среден рок и агилен одговор за ублажување на ефектите од кризите, а притоа да со одржи макроекономска стабилност. Спас и раст во исто време.

Солидарноста на ЕУ и препораките на ММФ

На крајот би сакал да посочам дека покрај солидарноста и правичноста, што секако се најважни во носењето на овој закон, ова решение е нешто што од нас се очекува. Меѓународниот монетарен фонд во заклучоците од својата последна мисија посочува дека јавните финансии се на вистинска патека, но дека одложувањето на носењето на даночната реформа и данокот на солидарност можат да влијаат негативно на приоритетните расходи. Како што наведуваат, даночната реформа треба да биде усвоена без оддолжување, имајќи го предвид долгиот консултативен процес, а истото се однесува и на данокот на солидарност.

Солидарноста е еден од основните принципи и на Европската Унија кон која се стремиме. Во знакот на таа солидарност, ЕУ ни додели 80 милиони евра грант за антикризни мерки и 100 милиони евра кредит со поволни услови за макрофинансиска поддршка. Исто така, поддршка добивме и од Европската инвестициска банка. Доколку солидарноста постои од страна на нивните даночни обврзници, кои не се дел од нашето општество, зошто не би постоела меѓу нашите даночни обврзници, во овој случај од успешни компании кои ја натфрлиле добивката за 20% изминатата година во однос на нивниот просек од претходните три години. Тоа е одговорност кон нашето општество, или општествена одговорност, како што спомнав на почетокот на текстот. 

За резиме, ќе посочам дека како прв финансиер се борам и ќе продолжам да се борам за здрав и праведен систем на јавни финансии, кој е одржлив и кој ќе биде база за економскиот раст. Тука ја вклучувам и борбата за сузбивање на сивата економија, која се наметнува секогаш кога пишувам за даночниот систем. Потребни се само фер однос и фер придонес, ако сакаме доверба во Владата и стопанството и чекор напред. Сите ние сме дел од ова општество и оваа економија и ако тие отидат чекор напред, тоа ќе биде голем скок за секој од нас одделно.

На крај, би истакнал дека нема простор за стигматизирање на данокот на солидарност,  затоа што тие што ќе го платат овој данок заслужуваат големо признание како чин на општествена одговорност.

Related Articles

Na Ndiqni

0FansLike
0FollowersFollow
- Advertisement -spot_img

Latest Articles