Четири месеци казна затвор доби професорот по англиски јазик од струшката гимназија, Ерол Спахо. Тој во декември минатата година во училиштето „Ибрахим Темо“ нападна ученик со железен боксирач и Му нанесе тешки повреди.
Тој беше прогласен за виновен за кривичното дело „насилство“. Ќе му биде пресметано и времето поминато во притвор до правосилноста на пресудата, а ќе треба да плати и над 2.000 евра за судски трошоци. Неговата одбрана најавува жалба на пресудата.
„…Доказите не се објективно оценети. Обвинетиот професор не е виновен за кривичното дело насилство. Има и други повреди на кривичната постапка кои ќе бидат предмет на жалбата која ќе поднесеме“, Сеад Мена-адвокат на обвинетиот.
Во својот исказ минатата недела професорот тврдеше дека инцидентот не го почнал тој, туку ученикот. Семејството на повредениот ученик не е задоволно од пресудата и бараат повисока казна.
За Алсат велат дека истата ќе ја обжалат пред повисоките судски инстанции. Најавуваат дека ќе поднесат и приватна тужба против професорот за закани и уцени бидејќи велат дека и понатаму нема да се чувствуваат безбедни. Во меѓувреме професорот Спахо остана без работа, откако директорката на училиштето по предлог на дисциплинската комисија, донесе одлука да престане неговиот работен однос.