Агенцијата за бегалци на ООН оцени дека ситуацијата во Украина забрзано се влошува и ги повика нејзините соседи да ги отворат границите за Украинците кои бегаат од борбите.
„Веќе гледаме информации за жртви и луѓе кои ги напуштаат своите домови бегајќи од опасноста, изјави Филипо Гранди, висок комесар за бегалци на ООН.
Повеќе европски земји кои граничат со Украина веќе се подготвуваат за прифаќање на украински бегалци. Полска воспоставува прифатни центри во близина на границата а болниците се подготвуваат за прием на повредени Украинци, соопшти полското министерство за здравство.
Унгарија и Словачка исто така соопштија дека се подготвени да прифатат бегалци и отворија нови гранични премини на своите граници со Украина за да се справат со очекуваниот бран бегалци.
Хуманитарна помош за земјите кои ќе прифатат украински бегалци понуди и Германија.