Руското министерство за одбрана соопшти дека руските сили со високопрецизно ракетно оружје го уништиле украинскиот противвоздушен ракетен систем БУК во регионот на Kиев.
„Ракетниот напад го изврши оперативно-тактичкиот комплекс „Искандер“, а контролата на ударот ја изврши дрон. Системот за противвоздушна одбрана е уништен со прецизен удар во целта“, соопшти министерството.

Претходно руската армија објави дека извршила нови ракетни напади врз воени цели во западна, централна и југозападна Украина.
Инаку, во Киев од вечерва до понеделник наутро повторно ќе биде воведен полициски час, изјави градоначалникот на украинскиот главен град, Виталиј Кличко.
„Воената команда одлучи да го продолжи полицискиот час. Тој ќе трае од вечерва во 20 часот до понеделник до 7 часот наутро“, напиша Кличко на социјалната мрежа телеграм.