12 C
Struga
Tuesday, February 27, 2024
spot_img

По повод 8 Септември, Денот на независноста: Бесплатни културни настани и слободен влез во музеите, во галериите и на локалитетите

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, под мотото „Гласник на слободата“, Министерството за култура се приклучува во централната прослава, организирана од Владата, со многубројни пригодни манифестации, изложба, концерти на млади уметници и на оперски арии, проекции на наградувани филмови од македонската понова продукција. Под насловот „Отворен ден за граѓаните“, ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии и археолошки локалитети.

Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.  

Во Кинотеката на Република Северна Македонија, пак, ќе има проекција на две успешни македонски филмски остварувања на автори од помладата генерација, кои ја одбележаа македонската понова продукција, филмови кои имаат позитивен прием кај критиката и многубројни награди.

По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов.

Во документарниот филм за Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, настапуваат: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам. Филмот „Медена земја“ се претстави на значајни европски фестивали и освои неколку награди, меѓу кои и наградите за најдобар документарен филм, за кинематографери и наградата „Impact and change“ на „Санденс филм фестивал 2019“; како и наградите за најдобар документарен филм на „DocsBarcelona 2019“, „DocAviv Film Festival 2019“ и „Montclair Film Festival 2019“. Исто така, филмот беше номиниран на 92. церемонија на Оскарите во категориите за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм.

На 8 септември без надомест ќе бидат отворени археолошките локалитети „Стоби“, „Херaклеја“, „Баргала“, Мегалитската опсерваторија „Кокино“, Меморијалниот центар АСНОМ-Пелинце, потоа „Куќата на Робевци“ во Охрид, црквата „Свети Спас“ во Скопје, Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје, Музејот за тутун и „Участакот“ во Прилеп, Турската пошта и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски маченици“ во Струмица, Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на современата уметност, Националната галерија на Северна Македонија: Даут-пашиниот амам и Чифте амам, како и Уметничката галерија во Тетово.

Низ државава, во рамките на програмата „Отворен ден за граѓаните“, вратите ќе бидат отворени и во музеите и во заводите во: Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, во музеите во Струга, Куманово, Гевгелија, во Историскиот музеј во Крушево, во Музејот на Тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола и Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево.

Во овие национални установи посетителите ќе имаат можност да се запознаат со постојаните археолошки, етнолошки и историски поставки кои се наоѓаат во установите и кои претставуваат пресек на културниот и историскиот развој на овие региони.

Related Articles

Na Ndiqni

0FansLike
0FollowersFollow
- Advertisement -spot_img

Latest Articles