18.5 C
Struga
Thursday, June 13, 2024
spot_img

Замрзнати цени на дел од прехранбените производи, во април се најавуваат нови мерки

Институците денеска треба да ги заокружат анализите дали листата на прехранбени производи со замрзната цена ќе се прошири и со шеќерот, јајцата и оризот, а одлуките за тоа ќе се донесат на почетокот на следната недела. По лебот, од вчера се во сила замрзнати цени и за тестенините и за дел од млечните призводи со поевтинување од 15 односно 10 отсто и според првичните информации на Пазарниот инспекторат, одлуките на Владата се почитуваат. Најверојатно следниот месец, според најавите, ќе следуваат нови мерки.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека согласно податоците, на почетокот на наредната недела ќе се донесат соодветни одлуки ако има простор за замрзнување на цените и на шеќерот, јајцата  и оризот. 

Анализите за новите мерки се прават на дневна основа и како што рече Бектеши,  нема да се дозволи никакво профитирање, а уште помалку кризата да биде врз грбот на граѓаните. 

-Министерството за економија ќе подготви информација за секој производ и согласно тоа ќе се креираат нови мерки кои ќе следуваат најверојатно во април. Мерките ќе бидат насочени кон стопанството и граѓаните, изјави Бектеши, посочувајќи дека внимателно се следат сите случувања на цените, посебно на прехранбените производи.

Тој ги повика производителите и увозниците да почнат со намалување на цените, бидејќи во тој случај ќе има простор и државата да им излезе во пресрет со поддршка за да ја задржат и зголемат конкурентноста.

-Општествено одговорни компании како оние од млечната индустрија треба да бидат поддржани за да се зголеми нивната конкурентност, зошто да не почнат со инвестиции за креирање нови работни места и поголем извоз, изјави Бектеши.

Замрзнатите цени на тестенините и на дел од млечните производи од вчера на терен ги контролираат 160 инспектори на Државниот пазарен инспекторат, а директорот Горан Трајковски најави дека ДПИ ќе ги објави имињата на субјектите ако утврди нерегуларности.

– Ова нека биде поттик трговците самосвесно да ги намалат цените, истакна Трајковски, потсетувајќи дека казните за евентуалните непочитувања на одлуките се од 800 до 10 000 евра. 

Според премиерот Димитар Ковачевски, намалувањето на цените на производите битно ќе влијае врз џебот на граѓаните.

-Се покажа дека владините одлуки се исправни. Лично сакам да се уверам дека се почитуваат и применуваат одлуките, колку за тоа имаат слух производителите, добавувачите и трговците. Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Очекувам компаниите да имаат разбирање за општото добро. Владата продолжува да го штити стандардот и интересот на граѓаните. Носиме одлуки кои, длабоко сум убеден, ќе го подобрат животот на граѓаните, изјави Ковачевски. 

Со одлука на Владата од 28 февруари е замрзната на 33 денари цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама. Тогаш беше укината субвенционираната струја што ја добиваше прехранбениот сектор од декември лани, откако, при контролите на ДПИ беше откриено дека над 85 отсто од компаниите што добија субвенционирана цена од 80 евра за мегават час не го испочитувале договореното, односно не ги намалиле цените на продуктите.

-ДПИ изврши детални анализи на оние компании кои користеа субвенционирана електрична енергија. Нашата споредба беше од ноември пред донесувањето на одлуката за субвенционирање, па во наредните четири месеци. Имаше компании кои воопшто ги немаа намалено производите, но имаше и компании кои ги намалија цените. Извештајот го доставивме до Министерството за економија, бидејќи ние немаме законска обврска за понатамошните постапувања, туку имаат Владата и Министерството за економија, изјави директорот на ДПИ Трајковски.

Премиерот и вчера повтори дека Владата својот дел од договорот го испочитувала и во време кога цената на електричната енергија беше над 450 до 500 евра за мегават час обезбедила цена од 80 евра за мегават час.

-Од извештајот на ДПИ се гледа дека голем дел од производителите не го испочитувале џентлментскиот договор. Врз основа на тоа направивме дополнителни анализи и согласно со нив донесовме одлуки кои значеа укинување на субвенционираната цена, правење на детални анализи за структурата на трошоците и финалната цена на производите и намалување на дел од цените на основните прехранбени производи и замрзнување на ниво на кое сметаме дека се покриваат трошоците и се обезбедува фер заработка и на производителите и на добавувачите и трговците, изјави Ковачевски.

Според најавите од Владата, наскоро ќе се ревидира и листата на  прехранбени производи со повластена даночна стапка. Основните прехранбени производи ќе останат со повластена стапка, но не и луксузните што не ги користат повеќето од граѓаните. 

-Листата на прехранбени производи за менување на стапката на ДДВ е споделена со сите засегнати страни, и со производители и со здруженијата на граѓаните и со стопанските комори. За основните прехранбени производи се знае дека ќе останат пет проценти, но за жал од претходните одлуки од пред седум, осум и десет години има проиозводи кои се со пет отсто, а денеска се луксузни и повеќето од граѓаните не ги ни користат, најави Бектеши. 

Според официјалните статистички податоци, трошоците на животот во февруари годинава во однос на февруари лани бележат зголемување од 16,7 проценти, а цените на мало од 12,4 проценти. Синдикалната минимална кошничка што ја  пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија за јануари изнесува 51 235 денари, но Министерството за економија утврдило дека има грешка во пресметката.

-Можеби е ненамерна, а можеби и техничка грешка, но факт е дека минималната синдикална кошничка во нашата држава не е 50.000 денари и не надминува 43.000 денари согласно методологијата што била претходно. Тоа значи дека од август па наваму два пати се калкулира инфлацијата во методологијата и во сите елементи кои беа наведени во претходната методологија, изјави министерот Бектеши, најавувајќи дека ќе побара средба со ССМ за пресметката.

Според најавата од премиерот Ковачевски  состанокот со ССМ ќе се одржи в понеделник. Во телевизиско гостување Ковачевски изрази задоволство што како резултат на системско решение минималната плата е зголемена на 20.175 денари и укажа дека сега се потребни 2,1 минимална плата за една потрошувачка кошничка, додека во времето на ВМРО-ДПМНе биле потребни 4,5 минимални плати. 

Related Articles

Na Ndiqni

0FansLike
0FollowersFollow
- Advertisement -spot_img

Latest Articles