Home Rajon Столтенберг најави испраќање дополнителни 700 војници на Косово

Столтенберг најави испраќање дополнителни 700 војници на Косово

Најсилно ги осудуваме неиспровоцираните напади против трупите на КФОР во северно Косово, што доведе до повреди на 30-тина мировници, изјави попладнево генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Таквите напади се неприфатливи и мора да престанат додаде генералниот секретар на Алијансата.

Тој најави и дополнително зајакнување на бројот на воени сили на КФОР на Косово, додавајќи дека нивната мисијата останува непроменета – односно одржување безбедна средина за сите граѓани на Косово и посветеност на мандатот добиен од Обединетите Нации за гарантирање на безбедноста на сите граѓани на Косово.

„Одлучивме да испратиме дополнителни 700-тини војници од оперативните резервни сили за Западниот Балкан и да ја подигнеме борбената готовност на дополнителниот батаљон на резервни сили на повисоко ниво за да може и тие да бидат распоредени доколку биде тоа потребно. Ова се јасни чекори со кои КФОР ќе ги има на располагање силите и способностите за исполнување на мандатот. Насилството го уназадува Косово и целиот регион и ги загрозува Евро-Атлантските аспирации“ – изјави Столтенберг.

Ситуацијата на Косово денеска најдобро се опишува со зборовите – мирно, но тензично.

Припадниците на КФОР поставија метални огради и бариери со бодликави жици за да ги зацврстат своите позиции во општините со мнозинско српско население, по судирите меѓу демонстрантите и војниците во кои 30-тина војници беа повредени.

Целосно е блокиран пристапот до општинската зграда во Звечан, каде во безредијата од понеделникот беа повредени 11 италијански и 19 унгарски припадници на КФОР.

Во судирите беа повредени и 50-тина Срби.

Втор ден по ред косовските Срби се собираа пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, противејќи се на новите албански градоначалници, кои овие функции ги освоија откако Србите ги бојкотираат изборите.

Српските демонстранти  не се откажуваат од своите барања – новите албански градоначалници да се повлечат, исто како и да бидат ослободени општинските простории кои се чувани од косовската полиција.

Exit mobile version