Home Maqedoni Утре одлука за цената на струјата за следната година

Утре одлука за цената на струјата за следната година

Драстично зголемување на цената на електричната енергија нема да се случи, уверува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски. Тој во емисијата Економски магазин на Алсат рече дека цената нема многу да порасне бидејќи на тој начин ќе се намали наплатата на сметките.

Компаниите од енергетскиот сектор во земјава според Бислимовски, имале многу забелешки во однос на признавањето на нивните трошоци од кои зависи крајната цена за домаќинствата и малите бизниси.

„Сè што е над 20 отсто во делот на електричната енергија е драстично зголемување. Компаниите имаат забелешки на нашиот планиран трошок за набавка на електрична енергија за покривање на загубите“, вели Бислимовски.

Веќе утре регулаторот најавува дека ќе се знае која ќе биде крајната цена која домаќинствата ќе ја плаќаат во следните шест месеци. Во однос на компаниите пак, кои се на слободниот пазар за електрична енергија и кои од добавувачите им се раскинати договорите за испорака, од Владата најавуваат дека ќе ги истражат овие случаи.

„Ако видиме дека има прекршување на одредбите секако дека Владата ќе интервенира. Во овој момент за наша среќа, за среќа на граѓаните и стопанствениците берзанските цени на електрична енергија паѓаат и затоа укажувањата дека некој ќе понуди по 500 евра за мегават час сметам дека се несериозни“, рече Фатмир Битиќи, вицепремиер.

Од АД Дистрибуција бараат регулаторот да им признае повисока цена за својата услуга од 100 отсто, МЕПСО смета дека треба да добие зголемување од 82 отсто. Државната ЕСМ која треба да ги обезбеди сите количини потребни за домаќинствата и малите фирми, ќе добие зголемување на цената за произведената струја која ќе ја продава на универзалниот снабдувач, за 13 насто. Тоа значи дека од Нова Година, наместо 36 евра, мегават час домашна струја ќе чини 41 евро. Но, граѓаните очекуваат да слушнат и дали по Нова година на располагање ќе им остане за користење и евтината дневна тарифа.

Exit mobile version