Home Maqedoni Скопје бара членство во полската иницијатива „Три Мориња“

Скопје бара членство во полската иницијатива „Три Мориња“

Македонија побарала да се приклучи кон иницијативата „Три мориња“. Скопје добило начелна поддршка во идејата да стане дел од семејството на централно и источноевропски држави за соработка во областа на економијата, но засега конкретен одговор на нашето барање нема.

Домашните власти најпрвин побарале зачленување минатата година, за време на бугарското претседавање со иницијативата, а интересот бил реафирмиран за време на априлската посета на Скопје на латвискиот претседател Елгис Левиц, чија земја е актуелен претседавач.

„Интересот на Северна Македонија има геостратешки карактер, поради членството во НАТО и стратешката цел за полноправно членство во ЕУ со оглед дека во иницијативата членуваат земји кои припаѓаат на Евро-атлантскиот сојуз и партнерства. Дополнително, иницијативата ја промовира соработката, примарно во насока на развојот на инфраструктурата, енергетските прашања, транспортот, а фокусирана е и на нови инвестиции“, велат од МНР.

Зачленувањето на Македонија во „Три мориња“ беше потенцирано и на првиот состанок од Стратешкиот дијалог меѓу Скопје и Вашингтон, кој се одржа на почетокот на јуни.

„Во заедничката изјава која уследи по одржувањето на Стратешкиот дијалог на нашата држава со САД во Вашингтон, беше нагласена поддршката на САД за намерата на Северна Македонија да стане членка на иницијативата Три мориња“, додадоа од МНР.

Иницијативата е покрената во 2015-тата година од страна на полскиот претседател Анджеј Дуда и брои 12 земји-членки од Балтикот, Јадранот и Црното Море. Најголемите проекти вклучуваат инфраструктурно поврзување од Литванија до Грција, како и енергетска независност преку мрежа за природен течен гас во сите земји-членки, со морски терминали во Полска и Хрватска. Инфраструктурните проекти на „Три мориња“ се проценуваат на околу 100 милијарди евра, а финансиска поддршка најави и САД.

Exit mobile version