9.1 C
Struga
Tuesday, March 19, 2024
spot_img

Пуштен е во употреба интерконектор ИГБ: Балканот добива сигурна порта за диверзифициран гас

На свечена церемонија во Националната палата на културата во Софија во присуство на лидери од балканскиот регион, ЕУ и Азербејџан, вчера официјално во комерцијална употреба беше пуштен гасниот интерконектор Грција – Бугарија.

На свечена церемонија во Националната палата на културата во Софија во присуство на лидери од балканскиот регион, ЕУ и Азербејџан, вчера официјално во комерцијална употреба беше пуштен гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ), со кој мрежата за пренос на гас на Грција кај градот Комотини се поврзува со бугарската преносна мрежа близу Стара Загора, со што се обезбедува диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за регионот на Балканот.

Интерконекторот е со вкупна должина од 182 километри, од кои 140 километри се на бугарска територија и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод, преку кој се пренесува гас од Азербејџан до Италија.

ИГБ има и дополнително значење за земјава, бидејќи ќе овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чирен во Бугарија, преку кој може да набавуваме течен пророден гас (ЛНГ) од терминалот во грчкиот град Александруполис со што се добива можност за набавка на енергенсот од Азербејџан. Дополнително, во текот на летото, кога гасот е поевтин, земјава ќе може да го складира енергенсот во Бугарија и потоа да го користи на зима. Со ваквата диверзификацијата на гасните извори, се обезбедува сигурност во снабдувањето со природен гас за земјава на среден и долг рок, како и одлична можност за зголемување на перформансите на домашната економија, која може да биде конкурентна со државите од регионот.

Претседателот Стево Пендаровски, кој присуствуваше на церемонијата на пуштање во употреба на ИГБ во Софија, оцени дека овој настан е особено значен, бидејќи отвора нова сигурна порта за диверзифициран природен гас за Југоисточна Европа во момент на повеќекратни кризи кои меѓусебно се засилуваат и кога регионот и европскиот континент во целина се соочуваат со изгледите за тешка зима.

– Јасно е, колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока, потенцира Пендаровски, додавајќи дека за да се постигне сето ова во поширока перспектива, заедно со посилна регионална соработка, итно е потребна и поголема европска солидарност.

Пендаровски потенцира дека ако нашата иднина е во обединета Европа, време е да се намали меѓудржавната конкуренција, да се погледне малку подалеку од тесните национални интереси и да се зајакне солидарноста и соработката како единствен излез од оваа невидена глобална ситуација со која се соочуваме. – Ова е идеална можност слоганот „Заедно сме посилни“ конечно да се материјализира, со заеднички напори на сите нас, додаде претседателот Пендаровски.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на свеченоста нагласи дека со старот на комерцијалната работа на ИГБ започна нова ера, бидејќи интеконекторот ќе биде важен фактор против „застрашувачката енергетска војна на Русија против ЕУ“.

– Гасоводот ќе донесе слобода од руската енергетска зависност. Европа може да се ослободи од руската енергетска зависност и заедно ќе направиме силна енергетска унија. Руската енергетска уцена во Европа мора да престане, истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека овој гасовод ги менува правилата на игра за енергетската безбедност на Европа, бидејќи значи ослободување од зависноста од рускиот гас.

Бугарскиот претседател Румен Радев, од своја страна, оцени дека со ИГН драстично се менува енергетската карта на Европа и конечно имаме вистински проток на гас од Азербејџан. Според него, оваа гасна врска е можност не само за Бугарија, туку и за Романија, Србија, Македонија и многу други земји од Централна и Југоисточна Европа.

– Интерконекторот меѓу Бугарија и Грција не е само инфраструктурен проект, туку симбол на зголемениот потенцијал на нашиот регион, успешна соработка и нашата поврзаност, кои придонесуваат за нашиот одржлив развој преку реализација на заедничката европска стратегија за понадежна, евтина и сигурна енергија, додаде Радев.

Според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, ИГБ значително ќе ги промени и снабдувањето со енергија, но и енергетската безбедност на европскиот континент, бидејќи преку него ќе се носи природен гас од Азербејџан и во комбинација со другите инфраструктурни проекти кои се спроведуваат во моментов ќе придонесе во создавањето кредибилна мрежа за снабдување со енергенсот.

Тој посочи дека интерконекторот „поврзува земји што делат исти европски вредности и солидарност“, потенцирајќи ја важноста и потребата за постигнување заедничко европско решение и заедничка европска стратегија за енергетската криза.

Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека ИГБ е важен проект и за Србија, најавувајќи поврзување на гасниот систем на неговата земја со Бугарија и со Македонија, како значајно вмрежување на инфраструктурата за пренос на гас на Балканот.

Тој во обраќањето на церемонијат во Софија, побара од Европската комисија земјите од Западен Балкан „да ги стави на заедничката листа на државите од ЕУ кога станува збор за цените на енергенсите“.

Неговиот азербејџански колега Илхам Алиев смета дека ИГБ ќе има многу сериозна улога во спроведувањето на енергетската безбедност и диверзификација на Балканот и Средна Европа.

– Азербејџанскиот гас е на пазарот. Азербејџан е сигурен партнер и снабдувач на гас за ЕУ, изјави Алиев, додавајќи дека Баку е подготвен да ги зголеми резервите на гас од 16 милијарди на 27 милијарди кубни метри гас.

За време на престојот во Софија, Пендаровски имаше средби со претседателката на Еврокомисијата, Фон дер Лајен и со бугарскиот претседател Радев, на кои главни теми беа актуелната енергетска криза и очекувањата за помош од ЕУ во справувањето со неа.

Пендаровски и Радев разговараа за поактивно партнерство меѓу двете земји во областа на енергетиката, како и за можноста Бугарија да го зголеми извозот на електрична енергија во Македонија во текот на зимската сезона.

Претседателот Пендаровски по средбите изјави дека Бугарија, која има вишоци на струја, може да и помогне на земјава во енергетската криза, но при тоа мора да ги почитува правилата и процедурите на ЕУ при извоз на струја.

– Разговаравме за тоа како може Бугарија да ни помогне во оваа ситуација. Македонија е најмногу зависна од енергија, најмногу ни треба електрична енергија во овој период, а Бугарија е една од многу ретките држави на целиот европски континент која има вишоци на струја, пред се затоа што има нуклеарка на бугарско-романската граница. Меѓутоа, има правило, и бараме начин како да не го повредиме, а да ги задоволиме потребите на нашата држава. Правилото е дека земја членка на Европската Унија која има вишоци на струја, мора да ги продава на светскиот пазар. И кога одите на светскиот пазар цените се многу повисоки од она што може да го добиете во билатерално договорање. Од бугарска страна има јасна, и политичка и секаква друга волја, да и се помогне на Македонија во оваа тешка ситуација, изјави претседателот Пендаровски.

Министерот за економија Крешник Бектеши, кој го придружуваше претседателот Пендаровски во Софија, во петокот изјави дека во интензивните преговори со Бугарија за набавка на електрична енергија за стопанството по пониска цена биле вклучени и претставници од Европската комисија и Европската енергетска заедница.

– Во моментов се бара решение за легислативата во Бугарија која предвидува дека целата произведена електрична енергија во земјата мора да оди на берза, но тоа може лесно да се смени со одлука од Владата или со подзаконски акти. Доколку Република Бугарија ја прифати нашата понуда за откуп на електрична енергија по фиксна цена од 200 евра за мегават час, колку што може да поднесе нашето стопанство, можеме да постигнеме договор, истакна Бектеши, посочувајќи дека „оваа е последна понуда од македонска страна“, имајќи го пред вид фактот дека цената на производство на електрична енергија во Бугарија е под 100 евра за мегават час, а во нуклеарката во Козлодуј е и под 50 евра.

Related Articles

Na Ndiqni

0FansLike
0FollowersFollow
- Advertisement -spot_img

Latest Articles