Home Botë Продолжуваат борбите во Украина

Продолжуваат борбите во Украина

Руското гранатирање продолжи и во текот на ноќта во регионот на Харков, каде што Украина ги врати под своја контрола местата Александровка, Федоровка, Украинка, Шестаково, Победа и дел од селото Черкаски Тишки.

Доцна синоќа во операција координирана од ОН и Црвениот крст уште 50 цивили меѓу кои и 11 деца, беа евакуирани од опколената челичарница Азовстал. Последна проценка беше дека 200 цивили сè уште се заробени во фабриката за челик која е последно украинско упориште во пристанишниот град Мариупол, заземен од руските сили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува евакуацијата да продолжи денеска како и дека се прават дипломатски напори за да се доведат и цивилите и борците од Азовстал на безбедно, за што се вклучени и влијателни посредници, додаде тој и повика на продолжување на дипломатскиот дијалог меѓу Русија и Украина.

Русија претходно објави прекин на огнот во централата за три дена, почнувајќи од четврток. Во обрќањето пред лондонскиот тинк-тенк Зеленски рече дека секој мировен договор со Русија ќе зависи од повлекувањето на руските сили на нивните позиции пред инвазијата на 24 февруари, нагласувајќи дека тој е лидер на „Украина, а не на мини-Украина“, но не го спомна полуостровот Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година.

Украинските власти стравуваат дека руските сили ќе ја нападнат фабриката за челик на 9 мај, кога Русија го одбележува Денот на победата во Втората светска војна. Градоначалникот на Киев пак, Виталиј Кличко, ги повика граѓаните да останат во домовите до понеделник, бидејќи западните власти издадоа предупредување дека рускиот претседател Владимир Путин може официјално да и објави војна на Украина на симболичниот ден за нив. Тој предупреди да не се игнорираат предупредувачките сигнали за воздух и веднаш да се оддалечат бидејќи како што рече голема е веројатноста за ракетно гранатирање низ целата земја.

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес која неодамна беше во посета на Украина, рече дека се залага американската администрација да ја прогласи Русија за држава што го спонзорира тероризмот, посочувајќи го Зеленски како херој, а Путин кукавица.

Американскиот Претседател Џо Бајден и лидерите на Г7 утре ќе одржат состанок преку видео врска со украинскиот претседател Зеленски со цел да покажат единство во пресрет на Денот на победата во Русија, соопштија од Белата куќа.

Руската агресија во Украина денеска влезе во 73 Ден. Американскиот претседател Џо Бајден вчера одобри нов пакет воена помош за Украина, кој ќе вклучува дополнителна артилериска муниција, радари и друга воена опрема во вредност од 150 милиони долари.

Exit mobile version