Home Maqedoni Прехранбени производи и државни резерви има, граѓаните да не прават залихи

Прехранбени производи и државни резерви има, граѓаните да не прават залихи

Владата вчера уште еднаш апелираше, граѓаните да бидат смирени и да не стравуваат – прехранбени производи има, стоковните резерви се на задоволително ниво, а ценовен шок не се очекува.

Состојбата се следи и доколку се процени дека е потребно, државата ќе интервенира.

Како што информира Владата, се преземаат сите мерки за да се зачува стандардот. Според најавите од Централната банка, пак, девизниот курс на денарот е стабилен и таков ќе остане.

– Земјава има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Граѓаните да бидат смирени. Не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи. Моментно нема потреба да се стават во функција стоковните резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат залихи за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви. Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто, велат од Владата.

Информираат и дека се во редовна комуникација со сите релевантни општествени чинители, како и со меѓународните институции, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, за евентуално, ако има потреба, да се користат инструменти кои ќе помогнат во финансирањето на трошоците во економијата.

-Граѓаните да бидат сигурни и во најавите на Централната банка која изминатите денови информираше дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков ќе остане. Оваа монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот е соодветна стратегија во линија со фундаментите на македонската економија. Согласно оваа потврда за стабилноста на курсот се девизните резерви кои се клучната алатка при ваков тип на монетарната стратегија кои според последно расположливите податоци изнесуваат околу 3,4 милијарди евра што е двојно повисоко ниво во однос на 2008 година на глобалната финансиска криза, наведуваат од Владата.

Владата го повтори и апелот – трговците да ја почитуваат Одлуката за трговските маржи.

Exit mobile version