Претседателот Стево Пендаровски во рамки на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“. Во фокусот на дискусијата беше војната во Украина, но и чекорите што Европската Унија треба да ги преземе.
На панел дискусијата учествуваа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и шефот на претседателската администрација во Украина, Андриј Јермак.
Претседателот Пендаровски истакнал дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметнала потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на регионот, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.
Нагласил дека НАТО, но и Европската Унија, се двата коридори за подобра, побезбедна и попросперитетна иднина.
Според Пендаровски, политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија бидејќи во спротивно концептот за обединета Европа ќе биде само сон.