Home Maqedoni Новиот ковид бран не ги поштеди и најмалите

Новиот ковид бран не ги поштеди и најмалите

Бебе родено пред само 20-тина дена е најмладиот ковид позитивен пациент во Институтот за белодробни заболувања „Козле“. 

Тоа сепак е во стабилна состојба и е добро, велат оттаму. Заедно со него тука поради ковид заедно со своите родители лежат дваесетина дечиња, но за разлика од претходните бранови, сега на ниту едно не му е потребна кислородна поддршка поради полесната клиничка слика. Д-р Елена Ѓиновска Тасевска вели во текот на претходните недели на преглед дневно доаѓале по околу 80 деца, а речиси сите биле заразени, но сега бројот на дечиња што бараат здравствена помош во „Козле“ е драстично намален.

Само десетина деца досега се јавиле на лекар тука со пост-ковид компликации, како стомачна болка и проблеми со крвната слика, но освен едно кое морало пак да биде хоспитализирано, другите доаѓаат само на контрола, што значи дека доминантниот сој на корона кој се шири сега не остава сериозни проблеми за здравјето на најмалите. Во меѓувреме, во овој период не изостануваат стомачните вируси кај децата што по симптомите не се разликуваат од она што го дава омикрон вирусот, велат од Институтот „Козле“.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје само околу 140 или 4 % од тестираните во текот на една недела се деца до 9 години, што пак претставува намалување од 22 отсто споредено со податоците од претходната седмица.

Exit mobile version