Home Maqedoni Најмногу починати во 24 часа во новиот бран на заразата, олеснети мерките...

Најмногу починати во 24 часа во новиот бран на заразата, олеснети мерките за патувањe во неколку земји

Со новите 1493 инфицирани, бројот на КОВИД-дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава достигна 275 637. Во вчерашната статистика беа евидентирани 31 починат пациент, највисок број во новиот бран на заразата. Дополнително беа пријавени уште осум починати преку „Мој термин“ за периодот од 26 до 31 јануари. Министерството за здравство соопшти дека сите 39 починати имале коморбидитети, а седуммина биле целосно вакцинирани.

Скратувањето на периодот на изолација на седум дена влијае на намалувањето на бројот на активни случаи – во државава има 12 764, половина  (6834) се во Скопје. Речиси илјада (964) се во Битола, а над 400 активни имаат Куманово, Прилеп, Тетово и Кавадарци.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) во соработка со ИТ-компанија ќе подготви нов електронски систем на доставување на решенијата за изолација на новозаразените откако биле разгледани неколку опции за поефикасно доставување и по објавите на медиумите дека ДСЗИ на неговата веб-страница јавно ќе ги објавува имињата, презимињата и адресите на новозаразените со КОВИД-19.

За новиот систем биле консултирани професори од Правниот факултет и стручни лица од Агенцијата за заштита на лични податоци за да бидат земени предвид позитивните законски прописи за заштита на личните податоци, а во таа насока претставници на Инспекторатот вчера имаа средба и со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Според ДСЗИ, многу проблеми во пракса создава тоа што системот за процесирање и доставување на решенијата за изолација е обемен и застарен, а ситуацијата дополнително се комплицирала со новиот зголемен бран на новозаразени и скратувањето на роковите за изолација.

Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека се олеснуваат мерките за влез на државјаните на Северна Македонија во Косово, Норвешка и во Бугарија. Со најновата одлука на Владата на Косово, која ќе стапи во сила денеска, се укинува барањето за нашите државјани при влез да приложат потврда за примена трета доза вакцина против коронавирусот. Нашите државјани може да влезат во Косово со сертификат за примени две дози антиковид-вакцини или една доза, но со ПЦР-тест.

Олеснети се мерките за влез и во Бугарија, кои предвидуваат приложување еден од следните документи: сертификат за примени две или три дози вакцина; сертификат за прележан КОВИД-19; негативен ПЦР или негативен антиген тест.

МНР соопшти дека и Норвешка ги укина ограничувањата за влез на наши државјани, при што, сепак, продолжува да се бара пополнување формулар за регистрација пред влегување во Норвешка (https://reg.entrynorway.no/)  и задолжително приложување негативен ПЦР-тест направен 24 часа пред влез во таа земја, доколку лицето е постаро од 18 години и не поседува валиден сертификат за вакцинација или за прележан КОВИД-19.

Од понеделник Грција ќе ја укине мерката, воведена на 19 декември 2021, за задолжителен ПЦР/рапид тест и за вакцинираните и за невакцинираните патници за влез во земјата, мерка што важи и за државјаните на Северна Македонија.

Министерот за здравство Танос Плеврис рече дека за оние кои имаат валиден европски сертификат нема да биде потребен тест за патување во Грција.

-Од понеделник 7 февруари влезот во земјата за оние кои имаат активен европски сертификат ќе биде без задолжителен тест, изјави Плеврис.

Последната министерска одлука од 24 јануари е во сила до понеделник во 6 часот наутро и предвидува задолжителен негативен тест ПЦР или рапид-тест за сите патници, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата и независно дали се или не се вакцинирани.

Во Европа сè  повеќе расте оптимизмот дека се ближи крајот на пандемијата и сè повеќе држави ги укинуваат речиси сите епидемиолошки мерки, но експертите апелираат за внимателност.

Речиси сите епидемиолошки мерки се укинати во Велика Британија, Данска, Норвешка и во Шведска. Маските на отворено повеќе не се задолжителни во Франција, а во Шпанија од следниот четврток Владата ќе го укине задолжителното носење маски на отворено – мерка која беше воведена на крајот на декември за да се спреÑ �и ширењето на варијантата омикрон. Италијанската Влада во средата соопшти дека ќе објави распоред за постепено укинување на ограничувањата.

Појавата на сојот омикрон кон крајот на минатата година, што е позаразен, но помалку опасен, за многумина е индикатор за крај на панедмијата. Бројот на заразени сè уште е голем, но има помалку хоспитализирани, а се намалува и бројот на починати. Тоа е случај во државите каде поголемиот дел од населението е вакцинирано против КОВИД-19.

Причина за оптимизам е и што одделни фармацевтски компании произведоа таблети против КОВИД-19. Но, експертите потенцираат дека сè уште треба да се биде внимателен, бидејќи сојот омикрон предизвика смрт на голем број луѓе, пред сè кај невакцинираните.

Горниот дом на австрискиот Парламент усвои закон со кој вакцините против коронавирус ќе бидат задолжителни за возрасните, што е прв таков потег во Европската Унија. Околу 69 отсто од австриското население е целосно вакцинирано против коронавирус, што е една од најниските стапки во Западна Европа.

Exit mobile version