Home Botë Мирни антивоени протести низ Русија, повеќе од 170 уапсени

Мирни антивоени протести низ Русија, повеќе од 170 уапсени

Повеќе од 170 луѓе се уапсени во Русија поради протести против руската офанзива во Украина, соопшти „OVD-Info“, невладина организација специјализирана за следење апсења во земјата.

„Повеќе од 178 лица се уапсени во 15 руски градови“, се вели во соопштението на невладината организација.

Повеќе од 20 лица беа уапсени денеска за време на мирните протести против руската офанзива против Украина во московскиот парк Зарјадје во близина на Кремљ, а беа уапсени и за време на сличен митинг во Санкт Петербург, пренесува АФП.

Во Москва, утрово беше закажан мирен протест со седење во паркот Зарјадје, во близина на Кремљ. Набргу по собирањето на демонстрантите, полицијата почна да ги апси сите оние што седеа на клупите во паркот.

„Не за војната во Украина!“, извикувала млада жена одведена од полицијата.

Новинар на АФП вели дека повеќе од 30 полициски комбиња биле распоредени околу паркот и недалеку од Кремљ. Протести против војната во Украина за сабота најавија на социјалните мрежи активисти, противници на руската офанзива врз Украина од триесетина руски градови, од Владивосток до Сочи.

Организаторите во соопштението велат дека со мирните протести сакаат да изразат незадоволство поради „колапсот на руската економија“ и да протестираат „против рускиот претседател Владимир Путин“ и да се залагаат за ослободување од затвор на неговиот противкандидат Алексеј Навални.

„Русија заслужува мир, демократија и просперитет“, напишаа тие.

Во Санкт Петербург околу 40 луѓе се собраа во центарот на градот на местото каде што е планиран мирниот протест, но новинарот на АФП не може со сигурност да каже дали се работи за демонстрантите. Сепак, 25 лица биле уапсени.

„Дојдов овде и само ќе стојам таму. На некој начин ќе го изразам моето незадоволство од се што се случува“, изјави 50-годишната Гаљина Седова за АФП, додавајќи дека „се плаши од активни демонстрации“.

Прекршувајќи ја забраната за организирање демонстрации наметната од руските власти, пацифистите повремено се собираат во различни делови на Русија за да ја осудат воената интервенција во Украина.

Локалните власти во окупираниот украински град Енерходар известија дека руските сили насилно го растераа проукраинскиот митинг во саботата, при што биле уапсени некои од неговите учесници. Жителите се собраа во центарот на градот на југот од земјата за да разговараат меѓу себе и да ја пеат украинската национална химна, но набрзо пристигнаа руски војници и дел од нив ги презедоа со полициски комбиња, соопшти локалната власт во онлајн соопштение.

„Окупаторите ги растераа демонстрантите со експлозии“, се вели во посебна објава на Телеграма, во која се споделуваат снимки од плоштадот каде паднале неколку шок бомби, пренесе Индекс.хр.

Exit mobile version