Home Maqedoni Македонија го поддржува предлогот на НАТО за состаноци со Русија

Македонија го поддржува предлогот на НАТО за состаноци со Русија

„Да бидеме подготвени за најлошото“, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, зборувајќи за тензиите со Русија на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски. Според Столтенберг евентуалниот конфликт би имал сериозни последици и висока цена, па затоа Алијансата е подготвена за политичко решение.

„Во последните денови забележавме значително придвижување на руските воени сили во Белорусија. Ова е најголемото распоредување на руски војници таму од крајот на Студената војна, кое веројатно вклучува 30.000 војници, сили за специјални операции, борбени авиони, како СУ-35, вклучувајќи го и ракетниот систем Искандер и С-400 воздушниот одбранбен систем“, рече Столтенберг.

„Се приклучуваме на повикот кон Русија за деескалација и за продолжување на дипломатскиот дијалог. Стоиме зад предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со нивото на односите, за европската безбедност со фокус на Украина, за транспарентноста, намалување на ризиците и контрола на оружјето“, вели Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Столтенберг воедно ја поздрави одлуката на американскиот претседател Џо Бајден за распоредување нови американски трупи во Германија, Полска и Романија, додека пак, Димитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, ја нарече постапка „деструктивна“ и повика САД да не испраќаат нивни војници во близина на руската граница.

Во меѓувреме, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу пристигна во Белорусија, каде е предвидена воена вежба. Неговиот домаќин, претседателот Александар Лукашенко истакна дека е заинтересиран за купување на руско оружје.

„Тоа ќе се случи од наредната година и тоа за нас е многу важно, не само поради нашето сојузништво, туку и поради критичното однесување на НАТО и Украина, која сака да се зачлени во Алијансата“, рече Александар Лукашенко – претседател на Белорусија.

За деескалација во односите, францускиот претседател Емануел Макрон најави дека телефонски ќе разговара со претседателите на Русија и Украина, Путин и Зеленски. Макрон претходно се слушна и со Бајден, со кого дискутираа за можни санкции кон Русија, доколку Москва продолжи да испраќа војска во близина на украинските граници.

Exit mobile version