Home Maqedoni Ковачевски-Лајчак: Итни преговори со Македонија мора да се приоритет

Ковачевски-Лајчак: Итни преговори со Македонија мора да се приоритет

Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, на Економскиот форум Делфи во Грција, оствари средба со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Во фокус на средбата беше актуелната кризна состојба во Европа предизвикана од руската воена агресија врз Украина која што Македонија ја осуди како брутално кршење на меѓународното право и го дава својот придонес во организирање ефикасна помош за украинските бегалци и во зајакнување на источното крило на Алијансата како одговор на можни непредвидени ситуации.

За време на разговорот, премиерот Ковачевски и специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак се согласија дека војната во Украина предизвикува негативни последици за стабилноста на Европа и посебно за Западен Балкан, при што беше речено дека соодветна реакција на овие последици е забрзувањето на процесот за интеграција на земјите од регионот и итни преговори со Македонија како приоритет.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на средбата со Лајчак посочи дека во дијалогот Скопје-Софија има напредок за кој е неопходна поддршка од Брисел за да се дефинира преговарачката рамка и да се постави цел за колку што е можно побрзо одржување на Првата меѓувладина конференција на Македонија со Европската комисија како почеток на процесот за затворање на поглавјата за членство во ЕУ.

Exit mobile version