Home Botë ЕУ се подготвува за пет милиони бегалци од Украина 

ЕУ се подготвува за пет милиони бегалци од Украина 

Ана Карпенко има 34 години. По руската инвазија заедно со нејзиниот син и со мајка и побегна од Чорноморск, на периферијата на Одеса. Сега се наоѓа во романски хотел со четири ѕвезди, кој ја претвори својата раскошна сала за свечености во засолниште за бегалци. Само некои од илјадниците кои секојдневно влегуваат во Романија.

  • Маж ми, мојот невенчан сопруг, но живееме заедно шест години, ми вети кога ќе заврши војната. Извинете….кога ќе заврши војната, ќе се ожени за мене. Така, кога се збогуваме, го чувствувам тоа како да се збогувавме засекогаш. Не можам. Не можам, вели Ана Карпенко.

Во свечената сала на овој романски хотел сместени се повеќе од две илјади луѓе. Спијат на нумерирани душеци, под блескавата диско-топка, една или две ноќи додека не најдат превоз за да заминат кај роднини во европските земји.

Во она што Обединетите нации го нарекоа најголем бегалски егзодус на векот, повеќе од милион и пол луѓе ја напуштија Украина за само десет дена.

Во Романија се речиси 300 илјади од нив.

Во овој хотел, волонтери на мегафони неколку пати повторуваат дека автобуси заминуваат за Италија, Германија, Бугарија и други европски земји.

Во Берлин, бегалците пристигнуваат на централната железничка станица.

Германското министерство за внатрешни работи објави дека околу 50 илјади бегалци пристигнале во Германија.

Бидејќи нема гранични контроли, проценките се дека бројот на бегалци во Германија може да биде многу поголем.

Во меѓувреме, во Полска на граничниот премин Медајка постојано пристигаат нови бегалци. Преморени, преплашени.

  • Побегнав на 24 февруари во 5 часот наутро. Бевме нападнати, се наоколу беше наопаку. Избегавме носејќи го она што го имавме на себе, спортската облека и не премногу работи. Бегам со двата сина. Отидовме да бараме засолниште. Најдовме едно и останавме една недела, а потоа отидовме во Днепар каде останавме два дена и потоа дојдовме овде, сведочи Јулија  Островскаја, бегалка од Киев. 

Во спортската арена во Кишињев, Молдавија се поставени стотици бегалци…Ова сега е засолниште за бегалците.

Европската унија се подготвува за голем притисок на нејзината источна граница и повикува на мобилизација на сите ресурси на земјите членки.

  • Веќе има 1,5 милиони бегалци за една недела и ако бомбардирањата продолжат како што продолжуваат, ако градовите продолжат неселективно да се бомбардираат, можеме да очекуваме пет милиони мигранти. Не мигранти. Не можеме да ги наречеме мигранти. Тие се прогонети луѓе, луѓе кои се обидуваат да побегнат од војната. Најголемиот проблем ќе биде на источната граница на Европа и мора да направиме се што можеме, она што го нарекуваме „помош за развој плус“,не само хуманитарната помош, изјави Жозеп Борел, Висок претставник на ЕУ за надворешна политика. 

Борел вети зголемена контрола на трошоците за помош на ЕУ во земјите кои дипломатски ја поддржуваат Русија или се воздржаа од критики на Москва за инвазијата врз Украина.

Exit mobile version