Home Botë Блинкен и Остин во Киев, ветена воена помош од 713 милиони долари

Блинкен и Остин во Киев, ветена воена помош од 713 милиони долари

Блинкен и Остин објавија дека Вашингтон ќе обезбеди 713 милиони американски долари дополнително воено финансирање за Украина и 15 други земји.

Ветување за нова серија на директна и индиректна воена помош за Киев, но и разговори за воведување на нови санкции кон Русија е епилогот од можеби најважната посета на високите претставници од Белата Куќа, државниот секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин на Украина од почетокот на руската инвазија…

По посетата, Блинкен и Остин објавија дека Вашингтон ќе обезбеди 713 милиони американски долари дополнително воено финансирање за Украина и 15 други земји од Централна и Источна Европа..

Блинкен кажа дека поддршката за Украина ќе продолжи, а огромниот притисок и економските санкции со кој се соочува Русија даваат вистински резултати, но и дека Украина ќе постои многу подолго од Путин на политичката сцена.

-Кога станува збор за тоа дали војната е добиена или изгубена, повторно ќе се навратам на предлогот дека во однос на целите на Русија, тие веќе се соочуваат со неуспех а Украина победи бидејќи целта на Путин која тој ја кажа со свои зборови беше целосно да ја припои Украина кон Русија, да ја одземат независноста и сувернитетот и тоа не се случи и јасно е дека нема да се случи.- Ентони Блинкен.

Украинскиот претседател Зеленски на телеграм напиша дека посетата на американските претставници во овој клучен момент е од огромна вредност и важност за Украина.. Тој на средбата на американската страна им предал акционен план за зајакнување на санкциите против Русија, развиен од меѓународна експертска група. Во видео обраќање утринава, порача дека православниот свет видел дека Велигден нема никакво значење за Русија.

-Русија ѝ го „честиташе” Велигден на Украина со воздушна закана речиси низ целата наша земја, со ракетен напад врз Полтавската област и со ракетен напад врз Кременчук. Зошто беше потребен овој удар на Велигден? Не постои таква воена закана од која тоа би можело да ја заштити Русија. Ова е само намерно уништување на животот во Украина. Уништување кое не престана ниту на најголемиот православен празник.-Володомир Зеленски.

На терен борбите се уште траат. Украинските власти соопштија дека рано утринава руските сили извршиле ракетни напади на пет железнички станици. Во централна Украина уништени се рафинерија и склад за гориво а нападите според Киев, продолжиле и врз челичарницата Азовстал во Мариопол каде се уште се заглавени над 1.000 цивили.

Русија се одважи на вчерашното велигденско барање на советникот на Украинскиот претседател и соопшти дека руските трупи денеска точно на пладне ќе ги прекинат воените дејствија за да дозволат безбедносна евакуација на цивилите од Азовстал.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги обвини западните разузнавачки служби дека соработуваат и им даваат инструкции на украинските неонацисти.

По најавите дека западните сојузници ќе испорачаат дополнителна воена помош за Украина, рускиот амбасадор во Вашингон ги предупреди САД да не испраќаат повеќе оружје за Украина, но кажа и дека до Белата куќа е испратена и официјална дипломатска нота во која се изразува загриженоста на Русија.

Exit mobile version