Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг предупреди дека деновите што доаѓаат најверојатно ќе бидат полоши бидејќи се очекува руските сили да внесат потешко оружје и да продолжат со нападите низ Украина.
Говорејќи по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Столтенберг ја опиша руската инвазија на Украина како „најлошата воена агресија во Европа во последните децении“.
„Градовите се под опсада, училиштата се гранатирани, како и болниците и станбените згради. Синоќа имаше непромислени акции околу нуклеарната централа и многу цивили загинаа или се ранети. Деновите што доаѓаат веројатно ќе бидат полоши, со повеќе смртни случаи, повеќе страдање и повеќе уништување“, рече Столтенберг.
Столтенберг нагласи дека НАТО не сака војна со Русија и дека НАТО е одбранбен сојуз. „Нашата основна задача е да ги заштитиме нашите 30 нации“, рече тој.
„Ние не сме дел од овој конфликт и имаме одговорност да обезбедиме тој да не ескалира и да не се прошири надвор од Украина. Тоа би било уште поразорно и поопасно, со уште повеќе човечки страдања“, рече тој.
„Русија користи касетни бомби во нападите врз Украина, како и други видови оружје што не е дозволено да се користи според меѓународното право“, додаде Столтенберг.