Маратонот во Виена во април годинава бил цел на терористички напад по урнек на бомбашкиот напад на Бостонскиот маратон во 2013 година, но терористичката ќелија во Австрија била навреме откриена, тврди весникот Кронен Цајтунг.
Австриската федерална канцеларија за заштита на уставот и борба против тероризмот открила наводна ќелија на Исламската држава (ИСИС) во Австрија поврзана со планови за напад на големи настани во Европа.
Повикувајќи се на неименувани извори, весникот наведува претходно познати детали за наводната таканаречена терористичка операција Третман, која ја планирале членовите на наводната ќелија во Австрија.
Тоа би била операција на ИСИС за да се одмазди за смртта на нејзиниот водач Абу Ибрахим Ал Хашими, кој беше убиен од американските специјални сили во февруари оваа година во неговото скривалиште во северозападна Сирија, пишува „Кронен цајтунг“.
Според весникот, во оваа група имало пет Ирачани, а водач е Ирачанец кој имал заштитен статус, кој дошол во Австрија за време на мигрантската криза во 2015 година. По примерот на масакрот во Бостон, во кој од две поставени бомби загинаа тројца, а беа повредени околу 300 луѓе, оваа ќелија имала намера да постави бомба на целта на Виенскиот маратон, кој се одржа на 24 април.
Австриските власти го засилиле вниманието по настаните од ноември 2020 година, кога Австриец со албанско потекло изврши терористички напад во Виена, убивајќи четири лица, а рани повеќе од 20.