6 C
Struga
Wednesday, December 7, 2022
spot_img

Посетата на Шолц на регионот силен сигнал за европерспективата

Дека Шолц не успеал да ја разубеди Софија да го крене ветото за Македонија, анализира и реномираниот европски магазин „Политико“.

Посетата на германскиот канцелар Шолц во овој круцијален момент на земјите од Западен Балкан е силен сигнал за неговите заложби и посветеноста на европските лидери за забрзување на пристапниот процес на Македонија и државите од регионот во ЕУ, смета поранешниот амбасадор Благој Зашов. Според него, Шолц во Скопје и Софија испратил јасна порака за почеток на преговори на Македонија уште на јунскиот самит, што не ја исклучува можноста за пресврт на 23 јуни. Сепак, по политичките турбуленции во Бугарија, вели Зашов, тешко е да се прогнозира резултатот.

– Неговата изјава во Скопје, па и она што го кажал во Софија, иако не знаеме што се има кажано со раководителите од Бугарија, даваат една мала надеж дека можеби на овој Самит ќе се прекрши работата и ќе се крене ветото. Ние очекуваме такво нешто во овој момент кога еве се решава црковниот спор. Со решавањето и на проблемот со Грција би сакале практично да ги решиме сите проблеми што ги имаме со соседите, вели поранешниот амбасадор за Канал 5.

И додека германскиот канцелар пред премиерот Ковачевски во Скопје уверуваше дека Македонија ги исполнила сите услови за веднаш да ги почне преговорите со ЕУ, во Софија пред Петков, кој ги повтори истите барања за кревање на ветото, кажа дека земјава треба да ги исполни сите услови. Откако ваквата реторика отвори дилеми кај дел од јавноста за двојни аршини на германската позиција, за Зашов е повеќе од јасно дека бугарските барања се неприфатливи, а ЕУ не може да биде гарант за да влезат во преговарачката рамка.

– Во Бугарија се случуваат некои настани на политичката сцена кои се исклучиво внатрешни проблеми и поради тоа изјавата на канцеларот Шолц можеби и беше дадена само за да се задоволат потребите на неговиот престој таму. Но доколку мисли дека треба да се исполнат и бугарските услови мислам дека тоа за Македонија воопшто не одговара да се крева ветото, а тие услови да бидат вклучени во преговарачката рамка. Мислам дека е нереално тоа што го бараат бугарските раководители затоа што и досега од македонска страна беше јасно кажано дека се работи за билатерален спор кој не смее да се решава како европски спор, изјави Зашов.

Дека Шолц не успеал да ја разубеди Софија да го крене ветото за Македонија, анализира и реномираниот европски магазин „Политико“. Германскиот канцелар ја „ притисна„ Бугарија да ја укине блокадата за членство на Македонија во ЕУ за време на посетата на Софија, но не успеа да постигне пробив во долгогодишниот спор, пишува весникот. Според анализата на Политико, Шолц дал се од себе за да стави дипломатски пресврт на неговата посета, но безуспешно, откако Петков и Радев ги повторија истите ставови за македонското прашање.

Related Articles

Na Ndiqni

0FansLike
0FollowersFollow
- Advertisement -spot_img

Latest Articles