Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на посетата на САД, оствари билатерална средба со помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид.
Во рамки на разговорот беше изразено задоволство што Македонија и САД одржуваат Стратешки дијалог, преку кој се зајакнува стратешкото партнерство и се надградуваат билатералните односи меѓу двете земји. Воедно беше поздравено и сојузништвото меѓу двете земји, особено во рамки на НАТО, како исклучително значајно во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
„Во актуелните околности, улогата на САД и нивното зајакнатото присуство во Западен Балкан се од суштинско значење за зачувување на регионалната стабилност. Дополнително, новата геополитичка реалност ја истакнува потребата од забрзување на европските и евроатлантските процеси на земјите од Западен Балкан, што воедно претставува и гаранција за регионалната и европската стабилност и безбедност, но и го ограничува влијанието од трети земји.” – порача Османи.
Во рамките на разговорот, соговорниците упатија силна осуда на руската воена инвазија во Украина, што претставува напад на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и сериозна закана за светскиот мир, безбедност и стабилност.